Силно невреме предизвика прекини во снабдувањето со електрична енергија во југозападна Македонија

14.02.2018

Невреме проследено со обилни врнежи од дожд и снег предизвикаа прекини во снабдувањето во југозападниот дел во Македонија. Без напојување се дел од населените места во планинските региони во охридско, струшко, во кичевско, гостиварско, во реканскиот крај, во марвровскиот регион и неколку планински села во тетовскиот регион. Екипите на ЕВН Електродистрибуција во текот на вчерашниот ден ги санираа дефектите во повеќе населени места освен онаму каде што имаше проблеми со пристапот поради големи наноси од снег и одрони на патот. Од утринава екипите се постојано на терен и како ги санираат дефектите, така населените места се пуштаат под напон. ЕВН ги активираше сите расположливи ресурси, човечки и материјални, со цел побрзо справување со дефектите од невремето. Зимските возила, моторните санки и целата опрема е во служба на екипите за пробивање на најкритичните и непристапни места. ЕВН Електродистрибуција е во постојана координација со другите енергетски компании кои го сочинуваат енергетскиот систем во земјава, со цел надминување на сите проблеми кои ги предизвика невремето.