Најчесто поставувани прашања за мерењето на потрошувачката на електрична енергија

1. За кој период (од - до) се однесува количината на потрошената електрична енергија која е пресметана во сметките за струја? Дали периодот на оттчитување на броилата е 35 дена? Дали тоа значи дека следната сметка ќе биде пониска  заради тоа што отчитувањето на броилата ќе биде да речеме на 25 дена?

Корисниците, односно домаќинствата се поделени на четири отчитувачки недели во текот на месецот и согласно тие периоди се изготвуваат пресметки за точно отчитаните дати. Тоа се прави со цел поголема ефикасност во отчитувањето.
Во пресметковниот период, помеѓу две отчитувања, може да се случи некогаш да има повеќе од 30 дена, а некогаш помалку од 30 дена, но и во двата случаи потрошувачката секогаш се сведува на дневна потрошувачка и блоковите се применуваат на дневна потрошувачка.
Согласно тоа, никогаш не се случило и не постои ни најмала можност корисникот да влезе во повисок/понизок блок поради поголемиот/помалиот број на фактурирани денови.
Потрошувачката секогаш се распределува соодветно. Детално објаснување на следниот линк.

2. Како во фактурите се одвoија деновите во декември од оние во јануари, со оглед на тоа што од 1 јануари имаше зголемување на цените на струјата?

Електронските броила кои ги поседува Електродистрибуција имаат можност да прикажат податоци за потрошувачката до 31. декември во 24:00 часот, односно може точно да ја одвојат потрошувачката која е направена до 31 декември од потрошувачката која е направена од 01 јануари и натака.
Овие одвоени периоди на потрошувачка се транспарентно прикажани и во самите фактури. За двата периода одделно се применува различна цена, согласно одлуката за цени.
Се секој од наведените периоди, потрошувачката се сведува на дневно ниво и потрошувачката по блокови се сведува соодветно на двата периоди, пред и после 24:00 часот на 31.12. 
 
3. Дали редовно ги отчитувате броилата и како е организиран целиот процес на отчитување?

Согласно Правилата за снабдување, обврска на ЕЛЕКТРОДИСТРИБУЦИЈА ДОOЕЛ Скопје е  да ги отчитува броилата еднаш во три месеци. И покрај флексибилната законската регулатива, екипите на ЕЛЕКТРОДИСТРИБУЦИЈА ДОЕЕЛ Скопје вложуваат максимални напори да вршат редовно месечно отчитување на броилата.
Процентот на отчитани броила на месечно ниво се движи околу 85%, а овој процент се зголемува на 95% и тоа во рок од само три месеци. Во тие 15% неотчитани броила на месечно ниво, влегуваат непристапни затворени мерни уреди и корисници во одделни рурални средини кои не се пристапни во текот на целата година. Истите се отчитуваат во првата дадена можност во наредниот период веднаш по неуспешното отчитување. Годишно само околу 3% од броилата остануваат неотчитани, и тоа само во случај на повеќе неуспешни обиди и целосно непристапни објекти.
Броилата се отчитуваат во текот на целиот месец и истите се поделени во 4 отчитувачки периоди. Така на пример, декември 2024 и јануари 2025 година, броилата биле отчитани во текот на целиот месец и тоа:

Декември 2024
  • 1-ва отчитувачка група: од 2 до 6 декември 2024 година;
  • 2-ра отчитувачка група: од 10 до 16 декември 2024 година;
  • 3-та отчитувачка група: од 17 до 23 декември 2024 година;
  • 4-та отчитувачка група: од 24 до 30 декември 2024 година.
Јануари 2025
  • 1-ва отчитувачка група: од 2 до10 јануари 2025 година;
  • 2-ра отчитувачка група: од 13 до 17 јануари 2025 година;
  • 3-та отчитувачка група: од 17 до 23 јануари 2025 година;
  • 4-та отчитувачка група: од 24 до 30 јануари 2025 година.
 
 4. Дали Електродистрибуција има обврска секој месец да го чита моето броило?

И покрај законската обврска за квартално отчитување, околу 85% од броилата се отчитуваат секој месец. Меѓутоа има броила кои се поставени во имотот на корисниците и кои не можат да се отчитаат доколку корисникот не е присутен кога отчитувачот доаѓа да го отчита броилото. Во секој случај при првото наредно отчитување период ќе бидат земени во предвид реално измерените количини.
 
5. Дали може корисниците сами да пријават состојби на потрошувачка со цел да се избегне моментот на претпоставени фактури?

Сите корисници кои сакаат сами да ги пријават состојбите на броилата истото можат да го направат тоа преку платформата ЕВН Онлајн или во приемните канцеларии на Кориснички енерго центри (КЕЦ) со достава во посебно обележани сандачиња(кутии). На платформата корисниците можат да најдат информации за постапката, која е објаснета во детали.
За броилата што нема можност да се отчитаат во текот на месецот фактури се изготвуваат врз основа на прогнозирана потрошувачка, каде што основот е кривата на потрошувачка и потрошувачката во последните 12 месеци.
Корисниците може да ги достават отчитаните состојби од броилата на платформата ЕВН Онлајн во делот Пријави состојба или на следните начини:
  • со пополнување на формулар во приемната канцеларија на секој КЕЦ
  • со електронски допис на [email protected]  или [email protected]
  • со јавување во Call Center, на телефонскиот број 02 3205 300
Притоа важно е да се напомене дека податоците од самоотчитувањето ќе се земат предвид само доколку корисникот ги пријавил во соодветната отчитувачка недела во која тој припаѓа. Информација за отчитувачката недела е прикажана на секоја фактура. Планот за отчитување по отчитувачки групи за 2025 година е достапен тука. Исто така, важно е да се напомене дека доколку броилото е отчитано, а за истиот период корисникот доставил податоци преку самоотчитување, при изготвување на фактурата ќе се земат предвид податоците од отчитувањето.
 
6. Колку барања за корекции на потрошувачка добивте во периодот декември 24/ јануари 2025 и колку од нив беа прифатени/основани?

Бројот на барања за корекција на отчитани состојби во периодот декември 2024/јануари 2025 изнесува 15.000 и е за 20% помалку отколку во периодот декември 2023/јануари 2024. Само 2.200 (15%) барања за корекција беа основани и за истите е извршена корекција на сметките.
 
7. Состојбата за потрошена електрична енергија од фактурата не се совпаѓа со состојбата што ја покажува моето броило. Каде можам да ја пријавам разликата да се направи корекција?

Барање за корекција на фактура се поднесува на еден од следните начини:
  • со пополнување на формулар во приемната канцеларија на секој Кориснички Енерго Центар (КЕЦ)
  • со електронски допис на [email protected]  или [email protected]
  • со јавување на телефонскиот број 02 3205 000.
За да се изврши корекција на фактура, потребно е да се достават податоци за број на корисник, број на броило и состојби од мерниот уред за 1.8.1-висока и 1.8.2-ниска тарифа.
Согласно член 43 од Правилата за снабдување со електрична енергија, достапни тука, доколку при разгледување на приговорот се утврди дека причина за оспорување на фактурата е погрешно изготвена пресметка, во рок од 8 дена од денот на приемот на приговорот ќе се изготви нова пресметка (фактура) иснабдувачот ќе му ја достави на потрошувачот, со определување на рок за плаќање кој не може да биде покус од 20 дена од денот на приемот на новата пресметка (фактура). 
Повеќе информации се достапни на следниот линк.
 
8. Дали можам да бидам сигурен дека броилото правилно ја мери електричната енергија?

Сите броила што се инсталирани кај корисниците се предходно верифицирани (баждарени и пломбирани) и од државното Биро за метрологија и од дистрибуција. Со верификацијата се гарантира точноста на мерењето. Што се однесува на отчитувањето, броилата се отчитуваат далечински и локално со оптичка сонда и нема простор за грешка при отчитување. За броилата што не се достапни за отчитување се прави проценка врз база на предходни историски податоци.
 
9. Како се прави проценка на потрошувачката кога броилото не е отчитано?

За броилата што нема можност да се отчитаат во текот на месецот фактури се изготвуваат врз основа на прогнозирана потрошувачка, каде што основот е кривата на потрошувачка и потрошувачката во последните 12 месеци.
 
10. Броилото ми е далечинско, зошто имам машинска проценка?

Далечинските броила се отчитуваат преку далечинска комуникација. Понекогаш поради проблеми со комуникацијата во мрежата не можe да се пренесат измерените податоци од броилата до централната база за обработка на податоци. Во секој случај со следниот читачки период ќе бидат земени во предвид реално измерените количини.

11. За првпат во мојата сметка за електрична енергија забележав дека влегувам во четврти блок. Дали е возможно да е направена грешка?

За потрошувачката на корисниците кои прв пат влегуваат во четвртиот блок се појавува „системска нотификација“ и истите секогаш поединечно се проверуваат од страна на Електродистрибуција. Овој процес се спроведува пред да му се достави фактурата на корисникот.
Овој механизам на проверка се воведе по вовдувањето на блок тарифите. Во ваков случај, доколку влегувањето во четвртиот блок е последица на претходни неотчитани месечни состојби, односно нефактурирани киловат-часови, фактурата веднаш се корегира. Корекциите се прават за целиот период (од претходно отчитување до последно отчитување), а согласно тоа и потрошувачката исто така се распределува соодветно по блок тарифи за целиот период меѓу двете отчитувања.
Истиот начин на корекции се спроведува и по барање за корекција на фактура од корисник.
Дополнително, фактурата изготвена врз основа на процената потрошувачка не значи по автоматизам повисока фактура за електрична енергија. Истата може да содржи и пониски претпоставени вредности. Ова значи дека во пракса може да се случи корисникот да има потрошено помалку или повеќе од претпоставените вредности во фактурата и следствено на тоа се прават и соодветните корекции.