Либерализацијата на пазарот на електрична енергија овозможува потрошувачите да можат да одлучат да бидат снабдувани од снабдувач на слободен пазар на електрична енергија, а цените на да ги договараат меѓусебно со склучување на договор за снабдување. Либерализацијата на пазарот на електрична енергија во Република Македонија се одвиваше во неколку фази при што: Во 2007 година потрошувачите директно приклучени на преносниот систем дел од своите потреби од електрична енергија почнаа да ја набавуваат на отворениот пазар на електрична енергија, додека целокупните потреби од електрична енергија овие потрошувачи почнаа да ги набавуваат на отворениот пазар почнувајќи од 01.01.2008 година. На 1 април 2014 година вкупно 222 потрошувачи кои имаат над 50 вработени и вкупен годишен приход или вкупна актива над 10 милиони евра во денарска противвредност се стекнаа со обврска потребите од електрична енергија да ги обезбедат на либерализиран пазар од снабдувач по сопствен избор. Следни чекори на либерализација на малите потрошувачи (компании со помалку од 50 вработени и помалку од 10 милиони евра годишен обрт или вкупна актива) и домаќинствата се: малите потрошувачи со вкупна потрошувачка во 2015 година над 1.000 MWh, имаат право да излезат на либерализиран пазар од 01.07.2016 година; малите потрошувачи со вкупна потрошувачка во 2016 година над 500 MWh, имаат право да излезат на либерализиран пазар од 01.07.2017 година; малите потрошувачи со вкупна потрошувачка во 2017 година над 100 MWh, имаат право да излезат на либерализиран пазар од 01.07.2018 година; малите потрошувачи со вкупна потрошувачка во 2018 година над 25 MWh, имаат право да излезат на либерализиран пазар од 01.07.2019 година; домаќинствата и сите останати мали потрошувачи имаат право да излезат на либерализиран пазар од 01.07.2020 година.